Чест и привилегија е што во нашите редови ги имаме почесните членови – личности чие присуство е инспирација, а чиј придонес немерлив. Тие се светол пример за посветеност, доблест и вистинска вредност. Благодарни сме што се дел од нашето друштво.
Почесен претседател д-р Блажо Боев
Академик д-р Блажо Боев е еден од најистакнатите македонски геолози, редовен професор и член на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ). Роден е во 1958 година во Кавадарци. Дипломирал геологија на Рударско-геолошкиот факултет во Белград (1980), магистрирал (1982) и докторирал (1988) во областа на петрологијата, минералогијата и геохемијата.
Боев бил еден од основачите на Рударско-геолошкиот факултет во Штип, каде што бил декан и продекан, а подоцна и ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“. Има објавено над 370 научни трудови, од кои повеќе од 100 во списанија со импакт-фактор. Автор е на повеќе учебници и монографии и ментор на голем број млади научници.
Неговата научна работа е фокусирана на вулканизам, геохемија, ретки минерали (вкл. талиумските минерали од Алшар) и еколошка геологија. Соработувал со врвни светски институции и координатор е на неколку меѓународни проекти. Добитник е на државната награда за наука „Гоце Делчев“ (2002).
Денес е редовен член и научен секретар на МАНУ.
почесни членови
Проф д-р Никола Думурџанов – редовен професор на Рударско-геолошкиот факултет во Штип. Дипломирал геологија на Масариковиот универзитет – Брно, Чешка (1960), а докторирал на Рударско-геолошкиот факултет – Белград (1980). Педагошка дејност на факултетот вршел од 1979 до 2001 г., кога се пензионирал, а во периодот 1989–93 бил и декан. На полето на научностручната дејност, својот работен век го посветил на регионално-геолошките и тектонските проучувања и петролошките испитувања, области во кои има реализирано бројни проекти во Македонија и во странство.
Проф д-р Тодор Серафимовски истакнат професор по геологија. Дипломирал на Рударско–геолошкиот факултет во Белград (1978), магистрирал во 1982 г., а докторирал во 1990 г. на тема „Металогенетски карактеристики на зоната Леце–Халкидики“. Својата кариера ја продолжил на Рударско–геолошкиот факултет во Штип како помлад асистент, па потоа редовен професор и раководител на Катедрата за наоѓалишта на минерални суровини. Во два мандата бил продекан на факултетот, а од 1997–1999 бил декан. По отворањето на новиот Универзитетот „Гоце Делчев“, продолжува со дејноста редовен професор и раководител на катедра на Факултетот за природни и технички науки, од каде што се пензионирал.
Автор на 165 научни труда, 4 монографии и 4 универзитетски учебници. Бил раководител на 10 меѓународни и на повеќе домашни проекти. Учествувал во меѓународната соработка во областа на рударството со САД, Велика Британија, Русија, Франција, Романија, Словачка, Словенија, Германија, Бугарија и др.
Проф. д-р Марин Алесандров, истакнат македонски геолог, роден на 30 јуни 1945 година во Панчарево, Општина Берово. Основното и средното образование го завршил во Пехчево, Тработивиште, Берово и Делчево. Дипломирал геологија на Рударско-геолошкиот факултет при Универзитетот во Белград во 1970 година, по што се вработил во Рудник Саса, каде што постигнал значајни резултати во сферата на истражувањата.
По завршени постдипломски студии, во 1977 година бил избран за професор, а подоцна и за доцент, вонреден и редовен професор, иако никогаш не бил во редовен работен однос. Докторирал на РГФ во Штип, со менторство од проф. Слободан Јанковиќ и првиот македонски геолог Костадин Богоевски. Предавал на РГФ до 2005 година, а паралелно продолжил со работа во рудниците Саса. Во периодот 1982–1986 бил делегат во Собранието на СР Македонија.
Проф. д-р Ванчо Чифлиганец – геолог, професор, стопанственик и општественик е еден од најистакнатите македонски геолози и интелектуалци, роден на 26 декември 1954 година во селото Раклиш, Радовиш. Тој студирал на Рударско-геолошкиот факултет при Универзитетот во Белград, каде дипломирал предвремено во 1977 година како прв во генерацијата. Подоцна, на истиот факултет се стекнува со магистерска (1982) и докторска (1987) титула во областа на геолошките науки.
Во 1983 година, Чифлиганец е избран за асистент на Рударско-геолошкиот факултет во Штип при Универзитетот „Кирил и Методиј“. Благодарение на својата научна активност, професионално искуство и посветеност, тој напредува во академските звања: доцент во 1988 година, вонреден професор во 1992 година и редовен професор во 1995 година. Автор е на повеќе стручни и научни трудови и активно учествувал на симпозиуми во Македонија и пошироко на Балканот. Со тоа дал значаен придонес кон развојот на применетата геологија и образованието на нови генерации инженери-геолози.
Паралелно со академската кариера, проф. Чифлиганец гради и импресивна кариера во реалниот сектор. Бил генерален директор на Рудник Бучим од 1988 до 1999 година. Под негово водство, Бучим бележи значаен технолошки и производствен развој. Во 2002 година ја основа градежната компанија Адора инженеринг како продолжение на семејниот бизнис, која за кратко станува еден од водечките брендови во високоградбата и инвестициите во недвижности.
Бил пратеник во Собранието на Македонија од 1994 до 2002 година (СДСМ), Член на Централниот комитет на СКМ во два мандати (1982–1990), основач на Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец (2014), која поддржува образование, здравство, спорт, култура и социјално загрозени категории и значаен поддржувач и организатор во спортот, особено во борењето.
Проф. д-р. Наум Гапковски инж. геол., ред. проф. на Градежниот факултет во Скопје (1990) по инженерска геологија и механика на карпи. Роден е во с. В’мбел, Костурско, во 1941). По емиграцијата од Грција (1948), живеел и се школувал во Чешка и во Полска, а од 1956 г. во Југославија. Завршил Рударскогеолошки факултет во Белград, по што, до доаѓањето во Скопје (1968), работел во „Геосонд” (Белград). Има богат применувачки опус, особено кај хидротехнички објекти, патишта, тунели и индустриски објекти.
Проф. д-р Борче Андреевски
Роден 1949год. во Битола. На Рударско-геолошки факултет во Белград се стекнал со звањето доктор на технички науки (1988). Избран е за доцент на Рударско – геолошки факултет – Штип (1990), а потоа за редовен професор (1999). Бил вработен во РЕК – Битола.
Има објавено 43 научни и стручни трудови, во земјата и странство, учествувал на бројни конгреси и меѓународни советувања. Бил раководител на четири научно – истражувачки проекти. Членувал во истакнати здруженија од областа на : енергетиката, геологијата и рударството, а бил и претседател на ЗЕМАК. Од 1988 год. член е на ДНУ, а денес Македонско Научно Друштво – Битола.
Д-р Тодор Делипетров е редовен професор во пензија на Факултет за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев “ – Штип. Додипломски студии завршил на Природно – математичкиот факултет во Скопје, на Институтот за физика и се здобил со звање Дипломиран инженер физичар. Во 1982 година ги завршува постдипломските студии на Институтот за сеизмологија и земјотресно инженерство во Скопје и се стекнува со звање магистер по технички науки, а во 1991 година на Рударско – геолошкиот факултет го одбранил докторскиот труд и се здобил со звање Доктор на технички науки.
Од 1978 година е вработен на тогашниот Рударско – геолошки факултет, денешен Факултет за природни и технички науки – Штип. Во 1999 година е избран за редовен професор избрана за редовен професор на истиот факултет во наставно – научната област применета геофизика. Од тогаш па до пензионирањето во 2018 година, проф. д-р Тодор Делипетров бил континуирано вклучен во наставно-образовниот процес со студентите за наставните програми: геологија, рударство, географија и заштита на животната средина. Неговите научно-истражувачки интереси вклучуваат проучување и примена на геомагнетните, геоелектричните и сеизмичките геофизички методи. Тој е автор или коавтор на повеќе од 100 научни и стручни трудови и материјали за предавања во соодветните области.
Д-р Крсто Блажев е редовен професор во пензија на Факултет за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев “ – Штип. Додипломски студии завршил во 1977 г. на Рударско – геолошки факултет во Белград и се здобил со звање Дипломиран инженер геолог. Во 1982 година ги завршува постдипломските студии на Рударско – геолошкиот факултет во Штип и се стекнува со звање магистер по технички науки, а во 1991 година на истиот факултет го одбранил докторскиот труд и се здобил со звање Доктор на технички науки.
Својата кариера ја започнал како геолог во – РИН „Опалит“ – Чешиново, а потоа бил директор на – „Неметали“ – Чешиново.
Во 1981 г. Е избран за стручен соработник на Рударско – геолошки факултет – Штип, а во 1982 г. за асистент по предметот Општа геологија. Во 2017 година е избран за редовен професор на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип од каде заминува во пензија.
Автор е или коавтор на повеќе од 100 научни и стручни трудови и материјали за предавања во соодветните области.


