Историја на македонската геологија и основање на прва државна геолошка институција
Од 1944 година, по Асномското прогласување на Македонија како Народна Република во рамките на Федеративна Југославија, геологијата станува дел од надлежностите на државата и нејзиниот развој добива голем интензитет, покажувајќи при тоа високи резултати.
Актот на основање на првата државна институција, прикажан како извадок од првиот Службен весник на Народна Република Македонија, Службен весник на НРМ Бр.1 од 1945 година.
За развојот на македонската геолошка мисла од тој период треба да се спомнат поголем број на значајни имиња. Димитри Јаранов роден во Солун 1906 година, завршил физичка географија и геологија во Софија. Тој бил прв македонски геолог, кој бил поканет од македонската Влада и назначен за раководител на Службата за хидроенергетски проучувања. .
Основање на Македонско геолошко друштво
По иницијатива на поголем број на геолошки инженери, во 1951 година е донесено решение за основање на Македонското геолошко друштво со седиште во Скопје, (решение на Министерството за внатрешни работи на НРМ од 19.11.1951 година, под бр.31407/51 II-1-19), а истото е објавено во Службен весник на НРМ бр.19 од јуни 1952 година.
Со одредени застои, Друштвото покажува активности над 70 години.
Имиња од историја на македонската геологија
Како што е спомнато, научно-стручниот капацитет на геолошката мисла во Македонија силно се развива со почетокот на педесетите години, по доaѓањето на млади дипломирани геолози од Универзитетите во Белград, Загреб и Љубљана, но и враќањето во Македонија на геолошки школувани кадри од Советскиот Сојуз и Чехословачката Република и Полската Република.
Меѓу првите имиња дипломирани геолози од историјата на македонската геологија, треба да се споменат: Благоја Филиповски, Костадин Богоевски, Александар Ивановски, Тодор Митров, Васил Грчев, Ванчо Клинчарски, Захарие Ивановски, Јордан Пенџерковски, Иван Несторовски, Томе Ивановски, Ристо Стојанов, Антоние Антоновиќ, Душко Ѓузелковски, Томица Иванов, Горица Шоптрајанова, Методија Страчков, Александар Ќекиќ, Милан Арсовски и др.
Прв доктор по геолошки науки е д-р.Костадин Богоевски, дипл.инж.геолог, а прв директор на Фонд за истражување во рударството е Благоја Филиповски дипл.инж.геолог.
Подоцна се истакнуваат имаиња како: Никола Думурџанов, дипл.инж.геолог (подоцна професор), д-р Јане Јанчевски, дипл.инж.геолог (подоцна професор), Петар Петковски, дипл.инж.геолог, м-р Киро Петровски, дипл.инж.геолог, Бранко Павловски, дипл.инж. геолог., палеонтолозите Вера Темкова, дипл.инж.геолог и Смиља Хаџи-Митрова, дипл.инж.геолог и минералозите за микроскопски анализи Вера Иванова,дипл.инж.геолог, Нада Гагиќ, дипл.инж.геолог и Михајло Марковиќ, дипл.инж.геолог и други.
Во периодот од 1980 до 1989 година, со новите реформи геологијата во Македонија наидува на потешкотии, а после овој период привремено престанал да постои и Геолошки завод, кој е возобновен дури во 2012 година.


