Потпишан Меморандум за соработка меѓу Македонското и Хрватското геолошко друштво
Македонското геолошко друштво и Хрватското геолошко друштво потпишаа Меморандум за соработка, со кој се поставува основа за продлабочување на професионалната, научната и стручната соработка меѓу двете геолошки здруженија.
Меморандумот претставува значаен чекор кон поинтензивна размена на знаења, искуства и научни достигнувања, како и кон развивање заеднички активности од интерес за геолошката стручна и научна заедница во Северна Македонија и Хрватска.
Со договорената соработка се отвораат можности за заедничко организирање научни и стручни собири, конференции, работилници и теренски активности, размена на стручни и научни информации и публикации, како и поттикнување на соработката меѓу геолозите, истражувачите и младите кадри од двете земји.
Посебно значење на Меморандумот е создавањето услови за поврзување на членовите на двете друштва и за иницирање идни заеднички проекти и истражувачки активности во различни области на геологијата.
На потпишувањето присуствуваше Претседателката на нашето друштво проф. д-р Соња Лепиткова и проф. д-р Хана Фајковиќ од Геолошкиот оддел при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Загреб, чија стручна работа е поврзана, меѓу другото, со геохемијата, геохемијата на животната средина и инструменталните аналитички методи.
Потпишувањето на Меморандумот ја потврдува заедничката определба за унапредување на регионалната соработка во областа на геологијата, размена на професионални искуства и создавање нови можности за научно и стручно поврзување.

